МЗ - Граѓаните да се заштитат од сонцето

Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето, апелира Министерството за здравство поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата.

„Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето“, наведува Министерството во соопштение.

Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита на здравјето:

  • Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории, под клима, а доколку е неопходен престој на отворено, да се најде можност за одмор под сенка.
  • Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
  • Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
  • При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
  • Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.
  • На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.