Пратениците в четврток ќе расправаат за интерпелацијата на Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Седницата за интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери се очекува да се одржи в четврток на 30 јуни. Интерпелацијата ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Парламентот неделава има интензивна агенда во рамки на која ќе се одржат неколку седници почнувајќи од денеска. Утре се одржува средба на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, во среда поставување пратенички прашања, а во петок се очекува да продолжи и седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која на дневен ред е ребалансот на Буџетот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Џафери ја поднесоа на 30 мај, по што претседателот на Собранието запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа седницата на која ќе се расправа.

Опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа функција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот.

Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат, како што ја нарекоа активна блокада во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршел одредбите од Уставот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, како што наведе, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.