Лидерите на земјите на Групата седум (Г7), кои втор ден по ред се состануваат на самитот во Германија, се очекува да се договорат за ограничување на цената на руската нафта, за да се ограничат приходите на Москва од енергенси.
Неколку меѓународни медиуми цитираат американски функционер, според кого, деталите за тоа како ќе функционира ограничувањето на цените, ќе се испеглаат за време на самитот, кој завршува на 28-ми јуни.
Ројтерс цитираше американки функционер кој брифирал на маргините на Самитот на Г7.
„Лидерите на Г7 имаат цел да се лиши Путин од неговиот главен извор на готовина и да се намали цената на руската нафта за да се ублажи влијанието на војната на Путин врз цените на горивото“, рече висок претставник на американската администрација.
Групата на седум богати западни земји се обидува да го засили притисокот врз Москва додека се обидува да ја минимизира секоја штета што може да им се нанесе на нивните економии.
Цените на нафтата скокнаа откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари, бидејќи санкциите го ограничуваат извозот на руската сурова нафта.
Многу западни земји и Европската унија веќе воведоа неколку рунди опсежни санкции против Москва за да го изолираат претседателот Владимир Путин и да ја осакатуваат руската економија во обид да го принудат Кремљ да ја прекине војната.
Белата куќа соопшти дека лидерите на самитот, исто така, ќе преземат невидена долгорочна безбедносна посветеност да и дадат на Украина финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка колку што е потребно, вклучително и навремено обезбедување напредно оружје.