Бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното Собрание денеска ја достави оставката на владата предводена од него, соопшти бугарската новинска агенција БТА по потврдата од прес-центарот на парламентот.
Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во Парламентот, кое го иницираше опозициската партија ГЕРБ, откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.
Веќе неделава се очекува претседателот Румен Радев да ја започне процедурата за формирање нова влада во актуелното Народно собрание. Тој рече дека ќе започне со консултации со политичките партии веќе во понеделник.
Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ (ПП) како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.
Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.
Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.
ПП, БСП и Демократска Бугарија (ДБ) веќе рекоа дека ќе преговараат за нов кабинет. Петков ја отфрли опцијата да разговара со лидерот на ИТН Слави Трифонов.
Сегашната владејачка коалиција нема да преговара со ГЕРБ и ДПС, кои ги сметаат за главна причина за корупцијата и заткулисните политики во Бугарија.
Формирањето на нов кабинет во сегашното Народно собрание изгледа тешко, бидејќи трите партии ПП, БСП и ДБ, кои се подготвени да работат заедно, немаат мнозинство меѓу пратениците. Имаат вкупно 99 пратеници. Има шест независни пратеници кои се отцепија од ИТН, но и со нив бројката е се уште далеку од потребното мнозинство од најмалку 121 од сите 240 пратеници.
Кабинетот на Петков ја презеде функцијата во декември 2021 година и беше на власт вкупно шест месеци. Бугарија минатата година имаше три парламентарни избори, како и две преодни влади назначени од претседателот Румен Радев.