На Парадата на гордоста во Истанбул уапсени 200 луѓе

Приведен ученик на Парадата во Истанбул

На Парадата на гордоста во Истанбул, која се одржа вчера, се уапсени 200 луѓе, соопштија организаторите. Уапсени се учесници на Парадата и ЛГБТ активисти, а организаторите велат дека полицијата им забранила пристап до нивните адвокати. Дел од приведените потоа во текот на денот биле пуштени од полиција.

Синдикатот на турските новинари соопшти дека многумина биле претепани од полицијата.

Полицијата во Истанбул на 26 јуни го прекина забранетиот марш на гордоста и приведе десетици демонстранти кои маршираа во градот за правата на ЛГБТ.

Канцеларијата на гувернерот го забрани маршот околу плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, но стотици демонстранти кои носеа знамиња со виножито се собраа во близина наспроти забраната.

Нема информации од полицијата или од Канцеларијата на гувернерот за бројот на уапсени.

Здружението Каос ГЛ, кое води кампања за промовирање на правата на ЛГБТ, на Твитер објави дека полицијата во западниот град Измир привела 12 лица и дека едно од нив подоцна е ослободено.

„Сите приведени, исклучиво поради нивното учество на Парадите на гордоста мора веднаш и безусловно да бидат ослободени“, напиша Милена Бујум од организацијата за човекови права Амнести интернешнал на Твитер.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, на 24 јуни ги повика турските власти да ги остават демонстрациите да протестираат и да ја осигураат безбедноста на учесниците на маршот.

Турција беше една од ретките земји со мнозинско муслиманско население што дозволи марш на гордоста во 2003 година. Но, вакви собири се забранети од 2015 година, официјално од безбедносни причини.