Турската полиција денеска насилно интервенираше на Парадата на гордоста во Истанбул и уапси десетици лица, вклучително и фоторепортерот на агенцијата Франс прес.
Полицијата дури пред почетокот на Парадата упадна во повеќе кафулиња и приведе ЛГБТ активисти и новинари. Според невладините организации уапсени се 52 луѓе.
Годинава, како и претходните години, Парадата на гордоста е официјално забранета, но стотици демонстранти со знамиња во боја на виножито се собраа на улиците околу плоштадот Таксим, што е целосно затворен за јавноста.
По спектакуларната поворка во 2014 година во Истанбул, на која присуствуваа повеќе од 100.000 учесници, турските власти од година во година ја забрануваат Парадата на гордоста, официјално од безбедносни причини.