Осло тагува по жртвите од „исламистичкиот“ напад

Комеморација се одржа денеска во норвешкиот главен град Осло со цел оддавање почит на жртвите на ноќното пукање во ноќниот клуб за кој полицијата се сомнева дека е акт на „исламистички тероризам“. Две лица загинаа, а 21 беа повредени во пукотници во раните утрински часови на 25 јуни на три локации во Осло, вклучително и во геј бар.

Норвешката престолонаследничка принцезата Мете-Марит присуствуваше на утринската служба на 26 јуни во катедралата во Осло заедно со премиерот Јонас Гар Стоере.

Олтарот на катедралата беше обвиткан во крпа од виножито, а норвешката протестантска црква соопшти дека „целата земја е во жалост“.

Парадата на гордоста која требаше да се одржи вчера, организаторите ја презакажаа за подоцна.

Норвешката полиција се сомнева дека тероризам е мотивот за нападот во дискотека во Осло

Премиерот во својот говор рече дека „пукањето во ноќните часови стави крај на парадата на гордоста, но тоа не ја спречи борбата и напорите за борба против дискриминацијата, предрасудите и омразата“.

Стоере имаше порака и за муслиманската заедница во Норвешка, велејќи дека многу од нив „доживеале страв и немир“ по веста за вооружениот напад.

„Треба да го знаете ова. Ние стоиме заедно, ние сме една заедница и заедно сме одговорни за заедницата“, додаде тој.

Во Осло откажана „Парада на Гордоста“, Киевската се пресели во Варшава, во Скопје ќе се одржи вечерва

Осомничениот, кој беше уапсен набргу по почетокот на пукањето околу 1 часот по полноќ, беше опишан како 42-годишен Норвежанец со иранско потекло, кој веќе им бил познат на службите за борба против тероризмот.

Шефот на норвешката безбедносна служба Роџер Берг, го нарече нападот „екстремен исламистички терористички акт“ и рече дека осомничениот имал „долга историја на насилство и закани“, како и проблеми со менталното здравје.