Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во интервјуто за бугарското национално радио кое денеска беше објавено. Петков рече дека Скопје веќе има избор за сопствената иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето „за“ францускиот предлог во бугарскиот законодавен дом и натаму Софија не може да сноси одговорност.
Според Петков, тоа што бугарските позиции се заштитени од Брисел укажало на неверојатно успешна дипломатија која лично ја поздравил.
„Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел, а дека Македонија треба да биде дел од Европската Унија.
Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог
Тој ги коментираше и односите со претседателот Румен Радев заклучувајќи дека тој нема државен пристап во решавањето на важните прашања за државата.
„Моите последни остри забелешки против претседателот беа на следнава основа – кога имате гласање за недоверба и предлог кој го штити бугарскиот интерес, кога истиот ден како премиер ќе го исполнам моето ветување дека ќе поминам низ Народното собрание, нема смисла да зазема остар став. Чувството беше: што мисли овој претседател во моментов, не гледа ли дека има политичка нестабилност? Беше изненадувачки и запрепастувачки“, рече Петков.
Во врска со политичката криза во земјата Петков повтори дека се додека поединци од опозициските партии се инволвирани во корупција , нема да води дијалог со нив. Тој прецизираше дека нема да преговара со Слави Трифонов, Бојко Борисов, Дељан Пеевски и Костадин Костадинов .
„Имаме дијалог со ДБ и БСП. Мојот сон е да видам влада и парламент што не се контролирани од марионетски луѓе, а лидерите се независни. Луѓето кои имаат проблем со ПП, со мене како премиер, со Асен Василев како министер за финансии се тие на кои им застанавме на патот за да не ги трошат јавните средства на стариот начин “, рече Петков.