Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски вчера во гостувањето во централниот дневник на Сител изјави дека политиката која ја води министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на разговорите со Бугарија за повлекување на ветото и деблокада на евроинтеграциите се повеќе му изгледа дека повеќе е во интерес на Албанија, отколку на Северна Македонија.
На тоа денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на неговиот официјален Фејсбук профил реагираше на обвинувањата на Николоски, со став дека „преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“.
Според Османи, со ваквите изјави не само што се преминуваат црвените линии на пристојност, туку „без трунка одговорност, онака лежерно и волунатаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања“.
„ Јас сум свесен дека борбата за политички поени е цврста и непријатна, ние сме сите политичари и се бориме да ги освоиме симпатиите на своите гласачи, но да си дозволиш да го нападнеш и да се обидеш да го загрозиш клучниот државен столб на кој се потпира цврстината на нашите позиции, тоа не говори само за неодговорност, туку за еден вид патологија во чија суштина лежи длабоко вкоренета албанофобија“, нагласува Османи во објавата.
Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог
Османи прашува, колку ли само треба да си алчен, и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси.
„Јасна е намерата на овие тези кои, се надевам не се позиции на ВМРО-ДПМНЕ. Преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, да се направи раздор по етничка линија, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“, изјави Османи.
Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Бугарија со последниот предлог издејствува и барањата да се вметнат во преговарачката рамка.
„Значи, кога го читате последниот документ на Советот пред предлозите има една приказна, еден наратив, каде што од јасно стои во податоците што се наведени дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите. Оти кога гледате како се развивала оваа приказна па и ако сакате и во поглед на првиот кластер во поглед на човековите права, малцинските права, мислам ако некому ЕУ не може да замери за почитување на малцински права и тоа во поглед на стандардите, тоа е Македонија. Но, сега за жал гледаме еден друг наратив. Значи ние ќе го отвориме Уставот кога ќе сметаме дека е потребно, не може да се уценува со прво тоа па потоа почеток на преговори бидејќи така ќе не втурнат во сличен тунел како што е Преспанскиот договор“, појасни Силјановска Давкова.
Според неа предлогот од Франција не заслужува внимание и не заслужува да биде прифатен.
Францускиот предлог во сегашната форма предвидува бугарските услови за Скопје, да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ, а Европската комисија да биде гарант за нивното спроведување. Оваа варијанта стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.