Последните ракетни напади на Русија врз Киев покажуваат дека меѓународните санкции треба да бидат поагресивни и да вклучуваат ембарго на ЕУ за рускиот гас, изјави шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.
„Самитот на Г7 треба да одговори на руските напади врз Киев“, изјави денеска Јермак во пресрет на Самиот на Г7 во Германија.
Според него санкциите треба да бидат поагресивни.
„Ембаргото на извозот на злато е добро, но потребно е ембарго за гас во новиот пакет санкции на ЕУ“, напиша тој на социјалната платформа Телеграм.
Руското злато е новата мета на Г7 за зголемен притисок врз Русија
Лидерите од Групата седум индустриски развиени демократии (Г7) кои ќе се соберат на дводневен самит на германските Алпи на 26 јуни најавија дека ќе објават забрана за нов увоз на руско злато за да ги засилат санкциите, соопштија британските и американските власти.
Богатите Руси неодамна купуваа златни шипки за да го ублажат осилото на меѓународните финансиски казни што беа воведени откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари, се вели во соопштението на британската влада.
„Мерките што ги објавивме денеска директно ќе ги погодат руските олигарси и ќе удрат во срцето на воената машина на рускиот претседател Владимир Путин“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Лондон соопшти дека извозот на руско злато изнесувал повеќе од 15 милијарди долари минатата година.
Забраната треба да биде објавена на 27 јуни, брзо ќе стапи на сила и ќе се однесува на ново ископуваното или рафинирано злато, соопштија властите.