Во Германија денеска почнува самитот на Г-7, а главна тема е војната во Украина и цената на нафтата. Американскиот претседател Џо Бајден кој вчера пристигна, денеска одржа билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц на која двајцата разговарале за војната во Украина.
Тој денеска му се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц за неговото лидерство во одговорот на украинската криза веднаш по пристигнувањето на самитот на Г7 во баварското планинско одморалиште.
Бајден изјави дека неговото раководство било од клучно значење за да се организира одговорот на Европа на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина.
„Путин сметаше на тоа од самиот почеток, дека некако НАТО и Г7 ќе се распаднат, но ние не сме и нема да се случи“, рече тој.
Руското злато е новата мета на Г7 за зголемен притисок врз Русија
Шолц е под критики дома поради наводно незадоволство околу тоа какво оружје треба да испрати најбогатата европска земја во Киев во борбата против руските сили на нејзиниот исток. Шолц отсекогаш ги отфрлал овие критики.
„Тоа е добра порака што сите успеавме да останеме обединети, што очигледно Путин никогаш не го очекуваше“, рече Шолц.
Двајцата потоа се преселија во конференциска сала на отворено, каде што одржаа билатерални разговори со неколку блиски советници.
Пред почетокот на самитот на Г7, претставници на САД и на Велика Британија објавија дека земјите-членки ќе воведат забрана за купување руско злато како уште еден удар насочен кон богатството на елитните Руси.
Исто така претходно на 26 јуни, осомничените руски ракетни напади врз Киев и друг град ги истакнаа молбите на украинските власти за поголема помош за да се победи 4-месечната руска инвазија.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба сподели слика на 7-годишно девојче кое неколку часа претходно е спасено од урнатините на нејзината станбена зграда во Киев и повика на „повеќе санкции за Русија и повеќе тешко оружје за Украина“ од Г7.
Собирот на Г7 е првиот од двата клучни самити во претстојната недела во услови на растечки глобални вонредни состојби, со војната на Путин во Украина и поврзаните кризи со храна и гориво високо на листата.
По состанокот на Г7, лидерите на НАТО ќе се соберат на самит во Мадрид на 28 и 30 јуни.