Бугарија е подготвена да го потпише Протколот според член 12 од Договорот за Добрососедство со Македонија и со тоа да ја одобри првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со Европската Унија, веднаш штом македонските власти ќе го потпишат билатералниот протокол, се вели во денешното соопштение на бугарското министерство за надворешни работи.
„На ред се одговорните фактори во нашата соседна земја да ја покажат, не со зборови, туку со дела, својата посветеност и желба за сопствената, и за онаа на регионот, европска иднина. Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската Унија зависи од тоа и нема да одложи доколку земјата ги исполни обврските кон европските вредности и добрососедските односи“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Ова соопштение доаѓа откако вчера бугарското Народно Собрание го изгласа предлогот за прифаќање на францускиот предлог со дополнение од четири нови услови и дадоа овластување на Владата во Софија да го крене ветото за усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија а со тоа и Албанија.
Радев обвинува дека пратениците потпишале „ бланко чек “ за Северна Македонија
Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.
Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по донесувањето на одлуката на бугарското Собрание изјави дека нема да коментира за бугарскиот документ кој е усвоен во Собранието се додека не го погледне детално, затоа што досега објавената верзија на француски предлог е работна верзија со неусогласени прашања. Тој додава дека сега ќе се чека каква ќе биде формулацијата на францускиот предлог по усвоениот бугарски документ и претходно доставените забелешки на македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел.
„Останува наредните денови на француското претседателство дали ќе има конечен свој предлог по однос на прашањето. Досега имавме работна верзија во која останаа недефинирани некои прашања а тоа е прашањето за протоколот, затоа што протоколот на некој начин ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашата сензитивност, може да се најде решение и во наредните неколку денови“, изјави Османи.
Тој додаде дека јазикот, историските прашања надвор од рамката и одредувањето кога да се направат уставните измени се клучните македонски црвени линии, кои ќе одредат дали е прифатлива конечната усогласена верзија на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ.