Ковачевски- Секој има право на достоинство и прифаќање без предрасуди

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во пресрет на денешната „Парада на Гордоста “ која се оддржува под мотото „ Излези за љубов“ изјави дека секој има право на почит, достоинство, прифаќање без предрасуди и еднакви можности за самореализација.
„Затоа грижата и напорите кои ги вложуваме да обезбедиме афирмација и отворен простор за активно учество на ЛГБТИК+ заедницата остануваат наши патокази во градењето демократско општество кое практикува европски вредности и во кое има место за сите“ напиша тој на својот официјален фејсбук профил на кој сподели лого од „Парадата на Гордоста“.

Тој вели дека Владата посветено работи за да овозможи добробит на сите граѓани.

„Донесовме Закон за спречување и заштита од дискриминација каде влегоа и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Комисијата за заштита од дискриминација за прв пат има лица и од граѓанскиот сектор. Има уште предизвици, но заедно и посветено ќе ги решаваме и надминуваме.
Парадата на гордоста е едно од значајните демократски случувања во Северна Македонија“ напиша Ковачевски на Фејсбук.

Трета „Парада на Гордоста“ вечерва во Скопје

Претходно слична порака испрати и претседателот Стево Пендаровски.

„Имаме заедничка одговорност да овозможиме уживање на основните права и себереализација на секој, без страв од отфрленост, особено кога станува збор за ранливите заедници“, се вели во пораката на Претседателот.

Пендаровски пред Парадата на гордоста – Прифаќањето на различностите е показател за демократско општество

Првата Парада на гордоста се одржа во 2019, а втората лани по паузата поради ковид кризата.

Поради одржувањето на „Парада на гордоста“, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на централното градско подрачје на Скопје, соопшти Министерството за сообраќај.