Бугарскиот претседателот Румен Радев ја критикува одлуката на парламентот да ја поддржи таканаречениот француски предлог за Северна Македонија и ги обвини пратениците дека гласале „бланко чек“. Тој го обвини и бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков дека првично рекол дека не сакал вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав да биде услов за почеток на преговорите со ЕУ.
Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог
Овие коментари на Радев дојдоа денеска на само еден ден откако бугарскиот парламент донесе одлука со која и се наложува на владата во оставка да го одобри т.н. „француски предлог“ за Северна Македонија, но само доколку се промени за да се исполнат одредени услови.
„Што се однесува до гаранциите за културно-историското наследство, учебниците и против јазикот на омразата, кои се бранат во билатералниот протокол, вчера пратениците гласаа бланко за нешто со што многумина од нив никогаш не успеаја да се запознаат, што дефинитивно не ги обезбедува потребните механизми, рокови и критериуми за заштита и што ќе ги остави следните бугарски влади во сегашната ситуација да водат неплодни спорови со македонската страна“, изјави Радев.
Во исто време, во саботата Радев призна дека т.н „Францускиот предлог“ ги содржи главните барања на Бугарија, но го обвини премиерот Кирил Петков за „дивергентни политики“.
„Содржи голем дел од основните бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен доколку нашите политичари посветеа поголемо внимание на целиот овој процес. Доколку дипломатите од Министерството за надворешни работи не се потпираа само на претседателската институција и не трошеа многу време и енергија во обид да се внесат различните политики на премиерот во некоја прифатлива рамка“, рече Радев.
Претседателот го обвини и Петков и сите партии освен „Има таков народ“ дека за време на Советодавниот совет за национална безбедност не сакале како услов за почетокот на преговори да се вметнат во македонскиот Устав Бугарите, туку го прифатиле тоа кога пристигнало како предлог од францускиот претседател Емануел Макрон .
Претходно бугарското Собрание усвои декларација со која, како што се наведува во текстот, се утврдуваат условите под кои Република Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Во нивниот документ се додадени уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ.
Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.
Прашањето како да се реши спорот на Софија со Скопје постои од ноември 2020 година, кога Бугарија стави вето на можноста Северна Македонија да започне преговори за членство во ЕУ. Тогаш премиер беше лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.