Борел во посета на Иран

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, доцна синоќа отпатувал за Иран во обид да ги заживее разговорите за рестартирање на нуклеарниот договор од 2015 година склучен меѓу Иран и светските сили.

„Дипломатијата е единствениот начин да се вратиме на целосна имплементација на договорот и да ги смениме сегашните тензии“, напиша Борел на Твитер.

Од ЕУ потврдија дека тој е во дводневна посета на Иран.

Обновувањето на иранскиот нуклеарен договор во „фотофиниш“

„Билатералните односи, регионалните и меѓународните прашања, како и последниот статус на укинување на санкциите ќе бидат разгледани за време на посетата, која е дел од тековните консултации меѓу Иран и Европската унија“, изјави на 24 јуни портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде.

Според договорот од 2015 година, Иран се согласи на ограничувања на својата контроверзна нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите наметнати од Западот. Но, договорот почна да се распаѓа кога американскиот претседателот Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година.

Вашингтон потоа повторно воведе осакатувачки санкции кон Техеран, додека иранската влада, која негира дека со нејзината нуклеарна програма сака да направи бомба, отстапи од некои од обврските наведени во договорот.

Повеќе од една година траат обидите за заживување на договореното.

Преговарачите, наводно, биле блиску до нов договор во март, но разговорите во Виена нагло заглавија во април, при што Техеран и Вашингтон се обвинуваат меѓусебно за неуспехот да ги донесат неопходните политички одлуки за решавање на преостанатите прашања.