Светот се соочува со катастрофа поради глобалниот недостиг на храна, при што руската инвазија на Украина само ја надополнува и онака тешката ситуација, предупреди денеска генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
„Постои реален ризик дека во 2022 ќе биде прогласена повеќекратна глад“, рече Гутереш во видео пораката до функционерите од десетина богати и земји во развој, кои се состанаа во Берлин на 24 јуни.
„А 2023 може да биде уште полоша“, додаде Гутереш, кој вели дека е неприфатливо во 21 век да има гладување.
Гутереш на собирот рече дека војната во Украина само ги комплицирала проблемите што се создаваат со години, како што се климатските нарушувања, пандемијата со ковид-19, нееднаквото закрепнување на земјите.
Тој рече дека е клучно Украина и Русија, кои заедно произведуваат околу 29 отсто од глобалниот извоз на пченица, да најдат начин да ја обноват нормалната трговија.
Испораките од украинските пристаништа се запрени по руската инвазија на таа земја.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која беше домаќин на собирот во Берлин, вели дека целосно се неодржливи тврдењата на Русија дека западните санкции наметнати поради инвазијата на Кремљ на Украина се виновни за недостигот на храна.
Гутереш рече дека преговарачите на ОН разговараат со Русија за да се договорат да се врати протокот на производи на светските пазари.
Тој, исто така, рече дека повисоките цени на ѓубривата и енергенсите ги погодуваат земјоделците во Азија, Америка и на други места, со што им е отежнат процесот на извоз на прехранбени производи на пазарот.