ЕСМ му понуди поскапа струја на ЕВН за од јули

Сметка за струја во поштенско сандаче.

Само една понуда и тоа со повисока цена за струја добила на тендер ЕВН Хоме како универзален снабдувач на струја на тендерот за корисниците во периодот јули-декември. На тендерот на ЕВН пристигнала само една понуда од АД ЕСМ, која изнесува 48 евра за мегаватчас и е за 17 проценти повисока од претходната.

„АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукција, му понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегаватчас, за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини. Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегаватчас за периодот јули-декември 2022 e за 17 проценти повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоме како Универзален снабдувач“, информираат од ЕВН Македонија.

За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме, како што посочуваат, во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Од АД ЕСМ, пак, вчера соопштија дека врз основа на направените анализи и пресметки утврдиле дека се во состојба да ги обезбедат вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме. За таа цел АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 проценти од производството во минатата година.