Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на барањето на бугарското Министерство за надворешни работи тој да зборува на соодветен јазик на политичар на земја кандидат за членство во ЕУ.
„Ох! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот говор! Многу точно! И јас имам едно прашање, а тоа е како Бугарија ќе ги решава билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање на две земји членки на НАТО!. Пријатели смирете се: тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене!“ напииша Рама на Твитер.
Бугарското министерство за надворешни работи претходно ја осуди изјавата на Рама.
„Бугарија ја бранеше европската перспектива на Албанија и отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ, дури и кога беше многу потешко од денес. Жолчните коментари на толку ниско ниво не може да бидат оправдани со карактерот и недостатокот на вештини за европска комуникација“, се наведува во соопштението и се посочува и дека Софија очекува албанскиот премиер да се придржува до јазик соодветен на политичар од земја-кандидат за членство во ЕУ.
Рама, чија земја исто така е заложник на бугарското вето, оти интегративниот пат е во пакет со оној на Македонија, во својот препознатлив стил, рече дека земјите од регионот ќе продолжат на патот кон ЕУ, надевајќи се дека во наредниот век ќе бидат членки, а дотогаш ќе се соочуваат со една или друга „Бугарија“ на тој пат.
„Срамота е што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа под окото на 27 земји членки кои се импотентни“, порача Рама на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ за време на самитот ЕУ- Западен Балкан.