Продолжува комисиската расправа по амандманите на ребалансот на буџетот

илустрација

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува амандманската расправа за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година. Вчера Комисијата разгледа 20 амандмани, но не беше усвоен ниту еден. Најголем дел од разгледаните амандмани главно се однесуваа на изградба, реконструкција и проширување на локалната и регионалната патна мрежа. На ребалансот на Буџетот се поднесени вкупно 204 амандмани. Најмногу амандмани има поднесено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа над 170, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство. Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.

Граѓаните „рамнодушни“ за дебатите за ребалансот на буџетот

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.