Петков - Тешки разговори во Брисел и „страшно очекување“ дека Бугарија ќе го крене ветото за Македонија

Бугарскиот премиер Кирил Петков со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Брисел

Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој е дел од Самитот на ЕУ во Брисел изјави дека денеска се воделе многу тешки разговори и имало „страшно очекување“ дека Бугарија ќе го крене ветото за Македонија.

„Некои од барањата поврзани со францускиот предлог се многу тешки за прифаќање на Република Северна Македонија. Но, она што стана јасно е дека тоа веќе не се само барања на Софија, туку барања на Европа. Односно, ние можевме да објасниме причините зошто овие работи што ги сакаме мора да се случат“, изјави Петков од Брисел.

Тој јасно стави до знаење дека одлуката за укинување на ветото кон Македонија треба да ја донесе бугарскиот парламент.

„Бугарскиот парламент сега мора да расправа и да одлучи за предлогот. Тешка задача ќе биде за Република Северна Македонија, која ќе мора да ги прифати нашите барања за да продолжи напред“, рече премиерот во оставка.

Петков најави дека веќе во понеделник ќе поднесе оставка, откако вчера Собранието изгласа недоверба на неговата влада.

На денешната седницата на Комисијата за надворешна политика на Парламентот на Бугарија, каде се разгледуваше т.н. француски предлог за деблокада на евроинтеграциите за Македонија, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска рече дека не може да излезе со став за предлогот.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски пак по Самитот ЕУ-Западен Балкан рече дека го отфрла францускиот предлог во сегашната форма.

За тој да биде прифатен, што треба да доведе до деблокирање на евроинтеграциите за земјава, треба да биде прифатен од сите земји членки на ЕУ, заедно со Македонија.