Германија го активираше „алармот“ за гас

Илустративна фотографија

Германија ја активираше втората фаза од својот итен триделен план за гас како одговор на намалувањето на руските испораки, при што ја обвини Москва за „економски напад“.

Денешниот потег, направен според планот кој треба да се активира кога има прекини или многу голема побарувачка за гас, ја донесе најголемата европска економија чекор поблиску до мерки за рационализирање на гасот, но не дозволи комуналните претпријатија да ги зголемат цените на клиентите.

Германија со уште неколку европски земји се многу зависни од рускиот увоз на енергенси за да ги задоволат нивните потреби.

„Гасот сега е дефицитарна стока во Германија“, изјави министерот за економија Роберт Хабек за новинарите на прес-конференција.

Рускиот државен енергетски гигант Газпром минатата недела го намали снабдувањето со Германија преку гасоводот Северен тек за 60 отсто, а како причина наведе дека „работат на поправка“.

Но, Германија го отфрли ваквото оправдување за овој потег.

„Дури и ако во моментов сè уште може да се набават количества гас на пазарот и да се складираат. Ситуацијата е сериозна и ќе дојде зима. Не смееме да се залажуваме, намалувањето на испораките на гас е економски напад врз нас од Путин. Тоа е јасна стратегија на Путин да создаваат несигурност, ги зголемуваат цените и не делат како општество“, рече Хабек.

Рационализирањето на гасот се надеваме дека ќе се избегне, но не може да се исклучи, рече Хабек.

Германската влада ќе обезбеди заеми од 15 милијарди евра (15,8 милијарди долари) во обид да ги наполни складиштата за гас. Газпром веќе ги прекина испораките за голем број европски земји, вклучувајќи ги Полска, Бугарија, Финска и Холандија.