Три предлози од бугарските партии до Собранието за францускиот предлог

Копретседавачот на партијата Демократска Бугарија (ДБ), Христо Иванов

Копретседавачот на партијата Демократска Бугарија (ДБ), Христо Иванов изјави денеска дека во бугарското Народно собрание постојат три предлози за нацрт-одлука по предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на европската перспектива на Северна Македонија. Тирите предлози, според него, се поднесени од ДБ, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Движењето за права и слободи (ДПС).

„Се надеваме дека прашањето денеска ќе биде разгледано во собраниската Комисија за надворешна политика и утре или најдоцна в понеделник предлогот ќе биде одобрен од Народното собрание на пленарна седница“, вели Иванов во изјавата за МИА без да прецизира детали за трите предлога.

Според него, по завршувањето на целата процедурата, бугарскиот премиер Кирил Петков ќе добие мандат од Народното собрание „да гласа во Брисел за прифаќање на предлогот на француското претседателство и за одржување првата меѓувладина конференција“ на Северна Македонија со ЕУ.

Иванов смета дека се ќе зависи од билатералниот протокол, кој треба да го потпишат министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија, со што, според него, тој би станал дел од преговарачката рамка.

Француското претседателство со Советот на ЕУ достави предлог со цел да се реши проблемот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Вчера ГЕРБ објави дека ќе поднесе предлог за „укинување на ветото“ за Северна Македонија. Прашањето како да се реши спорот на Софија со Скопје датира од ноември 2020 година, кога Бугарија стави вето на можноста Северна Македонија да започне преговори за членство во ЕУ.