Прес-конференцијата на лидерите на ЕУ што требаше да се одржи по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел е откажана. На интернет страницата на Европскиот совет од агендата е тргната прес-конференцијата, како и линкот за нејзино следење во живо.
На прес-конференцијата требаше да се обратат францускиот претседател Емануел Макрон, како лидер на земјата која е актуелен претседавач со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
Лидерите од Западен Балкан се во Брисел на Самитот на европските лидери. Во заедничкиот документ објавен во пресрет на Самитот, премиерите и претседателите на ЕУ повикуваат да се забрза процесот на проширување. Но, нема ништо ново за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија за историски и јазични прашања, кој го блокира европскиот пат на Скопје, а со тоа и на Тирана.