Претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека партијата е против францускиот предлог во кој, како што наведе, на суптилен начин се вградуваат националистичките барања на Бугарија. Тој побара оставки од министерот за надворешни работи Бујар Османи и на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ со оглед на фактот што, како што рече Трајанов, тие биле директно биле вклучени во преговорите со источниот сосед.
„Ги повикуваме земјите членки на Европската унија, посебно Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка и Словачка, да стават вето на ставање на дневен ред на Преговарачка рамка во која се вградуваат националистички барања на Бугарија сврзани со идентитет, јазикот, историски и образовни прашања.
ЕУ треба да се држи до основните европски вредности и принципи и Копенхашките критериуми“, рече Трајанов.
Тој го повтори партискиот став дека ќе ја повлече поддршката на Владата доколку се согласи Преговарачката рамка да биде усвоена од Советот на ЕУ. Воедно Трајанов ги повика граѓаните преку социјалните мрежи или со мирни протести да изразат незадоволство од, како што посочи, загрозувањето на македонскиот национален идентитет.
Претходно и раководството на ДОМ едногласно донесе став дека францускиот предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли.