Петков до Радев- Уморен сум од кукавици

Бугарскиот премиер Кирил Петков Во Брисел пред самитот на ЕУ

Бугарскиот премиер Кирил Петков упати критика до претседателот Румен Радев за неговиот став за таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето за членство на Северна Македонија во Европската унија.

„Ако си претседател на лице место, се јавуваш во Советот за национална безбедност, ги повикуваш сите служби, ги повикуваш сите партии, седнуваме, дискутираме, излегуваме. Ама не, пак! Или владата или премиерот. Паднаа маските. Уморен сум од кукавици“, рече Петков.

Бугарскиот премиер е во Брисел на средба на шефовите на влади на земјите членки на ЕУ. Според него, „темата за Северна Македонија била маглата која се спуштила во јавниот простор само со една цел „да ја потресе власта и да украдат милијарди“.

Петков ја коментираше и изјавата на поранешниот премиер и лидер на опозициската партија ГЕРБ, Бојко Борисов дека пратениците на неговата партија се подготвени да влезат во салата и да гласаат за францускиот предлог доколку Советот на министри го достави.

„Не можете да излезете наутро и да се удирате во гради дека ќе направите нешто, а попладне да ја блокирате комисијата [за надворешна политика]. Ова е апсолутна политичка подлост. Ако толку се удирате во гради, одете денес во Комисијата и направете кворум “, рече Петков.

Тој додаде дека му се допаѓа францускиот предлог.

„Мислам дека не може да има друг таков предлог“, изјави Петков и нагласи дека ќе остане доследен на дадениот збор дека Народното собрание мора да се произнесе по предлогот.

„ Се надевам дека во наредните денови Народното собрание ќе донесе одлука за ова прашање. Имаме историски момент да можеме да ги заштитиме сите наши бугарски интереси, работи за кои сме сонувале и со овој предлог да го заштитиме бугарскиот интерес на долг рок“, рече Петков.

Француското претседателство со Советот на ЕУ достави предлог со цел да се реши проблемот. Вчера ГЕРБ објави дека ќе поднесе предлог за „укинување на ветото“ за Северна Македонија. Тоа ќе се направи со предлог-одлука на Националното собрание со кое ќе се одобри преговарачката рамка на Бугарија за Северна Македонија. Прашањето како да се реши спорот на Софија со Скопје датира од ноември 2020 година, кога Бугарија стави вето на можноста Северна Македонија да започне преговори за членство во ЕУ. Во тоа време премиер беше лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов.