Се уште го чекате Годо? Не, ние сме навикнати на оваа шарада и повеќе од кога било посветени сме да ја поттикнеме модернизацијата на нашите земји и нашиот регион со непоколеблив европски дух, напиша на Твитер, албанскиот премиер Еди Рама, објавувајќи фотографија од него и од македонскиот премиер Димитар Ковачевски пред самитот на ЕУ- Западен Балкан.
Рама алудира на антидрамата Чекајќи го Годо од Семјуел Бекет во која има низа дејствија и дијалози кои не претставуваат ништо и се само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Рама претходно на социјалната мрежа напиша дека е срамно што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа. Според него, Албанија не се чувствува како жртва бидејќи секогаш ќе има некоја земја која може да блокира.
„Во исто време ние не го менуваме нашиот курс. Она што треба да го правиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома“, изјави Рама, додавајќи дека можеби ова е нов ден за Европа, но не и за Бугарија.
Рама посочи и дека иницијативата „Отворен Балкан“ е вистинското решение за регионалната соработка и дека таа останува отворена за сите што сакаат да се приклучат кон неа.
Премиерот Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација на самитот кој се одржува денеска и утре во Брисел, во која се вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како што соопштија од владината прес-служба, во рамки на работната посета на Брисел предвидено е Ковачевски, заедно со Вучиќ и Рама да одржат прес-конференција.
Лидерите од Западен Балкан се во Брисел на Самитот на европските лидери. Во заедничкиот документ објавен во пресрет на Самитот, премиерите и претседателите на ЕУ повикуваат да се забрза процесот на проширување.