Втор ден по ред е блокирана работата на бугарското Собрание. Причината е што ГЕРБ, ДПС, „Има таков народ“ и „Преродба“ не влегуваат во салата, па Парламентот нема кворум за работа.
„Очигледно е важно да се изгласа недоверба на Владата, но не и Народното собрание да продолжи со нормалниот тек на работа“, изјави потпретседателот Мирослав Иванов.
Вчера Собранието требаше да избере нов претседател на Собранието, но тоа не се случи и по неколку обид да се обезбеди кворум. Беа пријавени 112 пратеници, а потребно за кворум се 121 пратени. Во средата немаше ниту редовна седница на Парламентот, а беше саботиран и состанокот на парламентарната комисија за надворешни работи, на кој треба да се разгледува бугарскиот став за таканаречениот француски предлог за решавање на кризата меѓу Софија и Скопје.
Но, подоцна во текот на денот пратениците се собраа на вонредна седница за да и изгласаат недоверба на владата на Кирил Петков. Денеска неколку партии од опозицијата, но и досегашни владејачки партии бараат комисиска седница за Северна Македонија. Демократска Бугарија (ДБ), ДПС, БСП, ГЕРБ и „Промените продолжуваат“ (ПП) бараат и инсистираат темата Република Северна Македонија денеска да помине на парламентарната комисија за надворешни работи на бугарското Народно собрание, изјави потпретседателот на Народното собрание и пратеник од партијата „Преродба“, Цончо Ганев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, една од партиите бара до пладне да се донесе одлука на Народното собрание за укинување на ветото за Република Северна Македонија. На веб-страницата на Народното собрание има информации за седницата на Комисијата за надворешна политика во 15 часот.
Прва точка на дневен ред е изнесување мислење и информација од МНР за нацрт-записник од заедничка седница под чл. 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година и пакетот документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување.