Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира“, потенцира Борел.
Борел притоа изрази незадоволство поради недостигот на напредок во решавање на спорот со Бугарија кој го кочи отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Тој истакна дека ЕУ мора да стори се за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.
„Мораме да продолжиме да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан“, потенцира Борел.
Добра вест е напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина во сферата на енергетиката.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, нагласи дека постои расположение во ЕУ да се обнови процесот со Западен Балкан. Тој потврди дека во овој момент главен приоритет за ЕУ е отворањето на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и дека продолжуваат интензивни разговори со Бугарија, кои ги води француското претседателство, како би се овозможило зелено светло за почеток на процесот.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека е од најголема важност земјите од Западен Балкан да добијат ветување дека ќе им се даде можност да влезат во ЕУ.
„Граѓаните на Западен Балкан веќе 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат, рече Шолц пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан.
Според него, Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и чувствува одговорност да биде успешна на тој пат.
Лидерите од Западен Балкан се во Брисел на Самитот на европските лидери. Во заедничкиот документ објавен во пресрет на Самитот, премиерите и претседателите на ЕУ повикуваат да се забрза процесот на проширување. Но, нема ништо ново за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија за историски и јазични прашања, кој го блокира европскиот пат на Скопје, а со тоа и на Тирана.