Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева на решение со кое ќе се тргне ветото на Бугарија за деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.
„Разговарав утрово со премиерот Димитар Ковачевски и се надевам, но не сум сигурен,“ рече Вучиќ во изјава за новинарите во Брисел пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Валкан.
Во однос на тоа дали е прифатливо билатерални прашања да станат дел од
процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека исто му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.
„Не можам да кажам дека господинот Ковачевски е среќен, ќе видиме што ќе се случи “, додаде Вучиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан изјави дека е срамно што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа. Според него, Албанија не се чувствува како жртва бидејќи секогаш ќе има некоја земја која може да блокира.
„Во исто време ние не го менуваме нашиот курс. Она што треба да го правиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома“, изјави Рама, додавајќи дека можеби ова е нов ден за Европа, но не и за Бугарија.
Рама посочи и дека иницијативата „Отворен Балкан“ е вистинското решение за регионалната соработка и дека таа останува отворена за сите што сакаат да се приклучат кон неа.
Премиерот Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација на самитот кој се одржува денеска и утре во Брисел, во која се вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како што соопштија од владината прес-служба, во рамки на работната посета на Брисел предвидено е Ковачевски, заедно со Вучиќ и Рама да одржат прес-конференција.
Лидерите од Западен Балкан се во Брисел на Самитот на европските лидери. Во заедничкиот документ објавен во пресрет на Самитот, премиерите и претседателите на ЕУ повикуваат да се забрза процесот на проширување.