Повеќе граѓани се собраа вечерва пред Владата за да го изразат своето незадоволство од т.н. француски предлог за деблокирање на евроинтеграциите за Македонија. Присутните, организирани преку социјалните мрежи, сметаат дека предлогот е базиран на бугарските барања и е на штета на македонските национални интереси.
Тие на протестот дојдоа со македонските знамиња, знамиња со сонцето од Вергина, а ја интонираа и македонската химна.
Протестот се организира еден ден пред Самитот на ЕУ во Брисел, на кој ќе отпатува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој денеска го повтори тврдењето дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки, при што истакна дека за тој да биде прифатлив за македонската страна требаат цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека нема да има условување со нови бугарски барања, надвор од преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија.
Чиста формулација на македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, како и вклучувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот откако ќе почнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, се дел од клучните елементи, за „францускиот предлог“ да биде прифатлив за македонската страна“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Бугарија денеска требаше да одлучува дали ќе го прифати францускиот предлог со кој треба да се тргне ветото и да се одблокираат интеграциите кон ЕУ на Македонија и Албанија, меѓутоа бугарското Собранието вечерва и изгласа недоверба на Владата. Сепак, веднаш потоа, опозиската партија ДПС достави предлог до Собранието за одобрување на нацрт-преговарачката рамка за Република Северна Македонија и Албанија со ЕУ, предложена од француското претседателство.
Францискиот предлог предвидува условите на Бугарија да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ. За тој да биде усвоен, прво треба да го прифатат сите 27 членки на Еу, вклучително и Бугарија, а потоа да биде одобрен и од страна на Македонија.