Бугарската ДПС предложи парламентот да го одобри францускиот предлог

Мустафа Карадај

Опозициската бугарска партија ДПС достави предлог-одлука до Народното собрание за одобрување на нацрт-преговарачката рамка за Република Северна Македонија и Албанија со ЕУ, предложена од француското претседателство, веднаш по изгласувањето недоверба на владата на Кирил Петков. Како што соопшти лидерот на ДПС, Мустафа Карадаи, владата не направила ништо за придвижување на процесот.

„Зошто го направивме тоа – една година овие министри, чија оставка ја прифативме пред малку, и половина година овој кабинет, за чие гласање за недоверба, не направија ништо во оваа насока. Можеме да кажеме дека тие се обидуваа да му попречат на тој процес со тоа што едно зборуваа во Брисел, а друго во Бугарија, тоа е како лага“, изјави Карадај.

Во декларација од собраниската говорница претседавачот на пратеничка група на ГЕРБ Десислава Атанасова, соопшти дека и ГЕРБ-СДС се подготвени со предлог-проект за одобрување на преговарачката рамка со Република Северна Македонија, што ќе биде гаранција дека Бугарија и бугарските национални интереси ќе бидат заштитени. Атанасова ги повика сите партии да ја поддржат иницијативата.

Партијата побара и од премиерот во оставка Кирил Петков и неговата влада веднаш да го одобрат билатералниот протокол.

Претходно бугарските парламентарци му изгласаа недоверба на актуелниот премиер Кирил Петков. Против владиниот кабинет гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Македонија беше наведена како причина поради која Трифонов минатата недела ја напушти владејачката коалиција, со што Петков го изгуби мнозинството во парламентот