Бугарската влада на премиерот Кирил Петков падна. Гласањето за недоверба беше успешно.
Против владиниот кабинет гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.
За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.
По гласањето, премиерот за Нова ТВ изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.
Гласањето се одржа точно 24 часа по завршувањето на расправата за гласање недоверба. Претходно денеска четирите опозициски партии прво ја бојкотираа седницата на која требаше да се избере нов претседател на Народното собрание, а потоа го одложија состанокот на Комисијата за надворешни работи на која требаше да се расправа за т.н. Француски предлог за Северна Македонија.