Лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски најави дека ќе излезе од Владата доколку биде прифатен францускиот предлог.
- Ковачевски – Не прифаќаме ништо без чиста формулација за македонскиот јазик и заштита на идентитетот
Доколку Владата го прифати францускиот предлог таков каков што е, најавувам дека ќе си поднесам неотповиклива оставка од член на Владата. Ќе направам сè што е во моја можност да ја спречам бугаризацијата на нашата историја“, напиша попладнево Милески на „Фејсбук“.
Евентуалното излегување на ЛДП од владејачката коалиција ќе го доведе во прашање опстанокот на владата, со оглед на тоа што без двајцата пратеници на оваа партија, владината коалиција ќе нема мнозинство во парламентот.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Франција достави предлог за откочување на евроинтеграциите, во кој се содржани речиси сите бугарски барања, но Софија уште не донела одлука дали ќе го прифати.