Ковачевски – Не прифаќаме ништо без чиста формулација за македонскиот јазик и заштита на идентитетот

Премиерот Димитар Ковачевски

Чиста формулација на македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, како и вклучувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот откако ќе почнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, се дел од клучните елементи, за „францускиот предлог“ да биде прифатлив за македонската страна, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

Тој повтори дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.

Ковачевски пишува и дека каков и да е конечниот усогласен текст на предлогот, за да биде прифатлив за македонската страна може да има цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија.

Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, пишува Ковачевски.

Премиерот вели дека секое решение ќе треба да е консултирано со македонските институции. Премиерот претходно соопшти дека ќе патува во Брисел на Самиот на ЕУ.

Бугарија денеска одлучува дали ќе го прифати францускиот предлог со кој треба да се тргне ветото и да се одблокираат интеграциите кон ЕУ на Македонија и Албанија.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Франција достави предлог за откочување на евроинтеграциите, во кој се содржани речиси сите бугарски барања, но Софија уште не донела одлука дали ќе го прифати.