Премиерот Димитар Ковачевски денеска на неговиот официјален профил на Фејсбук потврди дека заедно со останатите двајца лидери на Отворен Балкан, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ донеле одлука да присуствуваат на самитот ЕУ- Западен Балкан на 23 и 24 јуни во Брисел.
Тој порачува дека Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои земјава и Албанија, но и регионот имаат целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел - членство во ЕУ.
„Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, напиша Ковачевски.
Претходно Рама на Твитер ја соопшти одлуката. Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ на која ќе се разговара за проширувањето на Унијата.