Рама, Вучиќ и Ковачевски ќе одат на самитот ЕУ- Западен Балкан

Лидерите на Отворен Балкан.

Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер денеска објави дека по меѓусебни консултации, тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан донеле одлука да заминат за Брисел.

„Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!“, наведува Рама.

Претходно Рама, како и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ соопштија дека денеска ќе донесат одлука дали ќе учествуваат на самитот Европска Унија- Западен Балкан закажан за 23 и 24 во Брисел.

Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ на која ќе се разговара за проширувањето на Унијата.