ГЕРБ ќе го поддржи француски предлог за одблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија, рече лидерот на партијата Бојко Борисов. Тој ја повика Владата на Кирил Петков да го достави предлогот до Парламентот, каде Борисов рече дека ќе биде поддржан од мнозинството пратеници.
„Текстот е навистина многу добар. Тој ги вклучува сите стравови и нервози и она што ја засега Бугарија“, изјави Борисов на денешниот брифинг и додаде „Какво предавство има во тоа да се натераат двете нации да бидат во иста заедница? Наместо да се караат на социјалните мрежи, помладите генерации да се прегрнат?“.
Европскиот предлог предвидува условите на Бугарија да станат дел од обврските на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Според Борисов, мнозинството пратеници во Националното собрание би го поддржале францускиот предлог.
Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент попладне треба да одржи седница на која ќе биде разгледан „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. На седницата, како што е најавено, „ќе биде претставен и ставот на бугарското МНР за записникот од заедничката средба согласно членот 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година, како и пакет документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување на ЕУ“