Нацртот на завршната декларација за овонеделниот самит на Европската унија предлага кандидатски статус за Украина и Молдавија, покажува копијата од документот во која имаше увид РСЕ.
„Европскиот совет одлучи да и додели статус на земја кандидат на Украина и на Република Молдавија. Иднината на овие земји и нивните граѓани лежи во Европската унија“, се наведува во документот од 21 јули додавајќи дека Грузија ќе го добие истиот статус откако Тбилиси ќе исполни голем број услови.
Сите 27 земји членки на блокот мора да го одобрат таквиот потег.
Во рамките на Европската унија „нема ниту една земја која има проблеми“ со овој потег, рече Жан Аселборн, министерот за надворешни работи на Луксембург пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 21 јуни. Неколку негови колеги изразија слични ставови.
Зеленски ја поздрави „историската“ поддршка на ЕУ за кандидатурата на Украина
Овој потег без преседан на европското тело доаѓа додека Киев е во војна против Русија, која започна неиспровоцирана инвазија на својот сосед на 24 февруари.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат во Брисел на 23 и 24 јуни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поднесе кандидатурата на Украина за членство во ЕУ веднаш по почетокот на руската инвазија на 24 февруари, а Молдавија и Грузија го следеа примерот веднаш потоа.