Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека францускиот предлог за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија е најдобар за Бугарија. Тој од Пловдив порача и дека европските партнери на Софија го делат нејзиниот став дека „прашањето за одбрана на граѓанските права и борбата против дискриминацијата не може да биде билатерално прашање само меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, туку мора да се постави на ниво на ЕУ“.
Радев ги повика бугарските политичари да не брзаат со прогласување „историска победа“, бидејќи, како што нагласи, промената на Уставот на Северна Македонија не е последен, туку прв чекор кон интеграцијата на земјава во ЕУ.
„Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документи- првиот е Преговарачката рамка, која е обврска и ја подготвува ЕУ. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел на преговарачката рамка, рече Радев, додавајќи дека во моментов предложениот билатерален протокол „не дава доволно гаранции за заштита на интересите на Бугарија“.
Во меѓувреме денеска Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент треба да расправа за францускиот предлог. Но, утринава Собранието не можеше да започне со работа, бидејќи присутни биле само 115 пратеници од вкупно 240 регистрирани. За работата на бугарскиот Парламент се потребни најмалку 121 пратеник.
Првата точка се очекуваше да биде процедурата за избор на нов претседател на бугарскиот Парламент По смената на Никола Минчев, функцијата ја извршува Мирослав Иванов од „Промените продолжуваат“. Тој ја затвори редовната седница и закажа вонредна седница за вечерва кога треба да се гласа за недоверба на бугарската Влада предводена од премиерот Кирил Петков.
Дел од медиумите кои го добија францускиот предлог, објавија дека тој ги содржи сите бугарски барања, освен за македонскиот јазик.