Центристичката коалициска влада на бугарскиот премиер Кирил Петков денеска вечер ќе се соочи со гласање за недоверба што го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација. „Поднесовме барање за недоверба на владата поради нејзиниот неуспех во економската и фискалната политика“, изјави лидерката на партијата Десислава Атанасова, додавајќи дека ГЕРБ побара поддршка за предлогот од сите други политички групи во парламентот. Бугарскиот годишен индекс на потрошувачки цени забележа инфлација од 15,6 отсто во мај, соопшти националниот статистички институт, што е највисок пораст на потрошувачките цени од 2008 година наваму.
Петков оптимист за опстанок на неговата Влада
Премиерот Кирил Петков изјави дека е оптимист за опстанокот на владата која ја предводи. За да опстане владата на Кирил Петков мора да има 121 глас од 240. 42 годишниот Петков и неговата партија „Продолжуваме со промените“ беа избрани во минатата година врз основа на ветувања дека ќе ја искоренат корупцијата и ќе воведат длабоки реформи во најсиромашната земја-членка на Европската унија. Тешката битка за брзи промени го зеде својот прв данок, бидејќи една од четирите партии во минатата недела се повлече од владејачката коалиција, оставајќи ја со 109 пратеници во Националното собрание со 240 места. Лидерот на популистичката партија Има таков народ, Слави Трифонов, ги наведе несогласувањата со ревизијата на државниот буџет предложен од премиерот, обвинувајќи го дека ја води државата кон банкрот со подигање на нов долг.
Што и да одлучи Бугарија - Македонија ќе заглави на патот кон ЕУ
Тој, исто така, го обвини премиерот дека ги игнорира националните интереси на Бугарија со тоа што прави отстапки за соседна Северна Македонија за да може да ги започне преговорите за пристап во Европската унија. Во меѓувреме, пет пратеници пребегнаа од групата на Трифонов, но на владејачката коалиција ќе и требаат уште најмалку седум гласа за да гарантира мнозинство во Парламентот, доколку сака да го преживее гласањето за недоверба.
Радев: Бугарската Влада да се изјасни за „францускиот предлог“, а не Собранието
Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент попладне треба да одржи седница на која ќе биде разгледан „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. На седницата, како што е најавено, „ќе биде претставен и ставот на бугарското МНР за записникот од заедничката средба согласно членот 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година, како и пакет документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување на ЕУ“