Одлуката за замрзнување на маржите не ги намали цените колку што очекуваше Владата.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска порача дека оваа недела ќе направи целосна анализа од денот кога мерката стапи на сила, а најверојатно наредната недела ќе се прошири одлуката и ќе се менува согласно начинот како се прави трговијата во нашата држава од денот кога е донесена таа одлука.
Ако не се почитува мерката за маржите тогаш Владата може повторно да ги замрзне цените.
„До крајот на неделава ќе видиме дали ќе има дополнително намалување од ова намалување сега што е. Ако нема секако дека ќе се смени и одлуката во вторник кога ќе имаме седница на Влада. Ако не се почитува одлуката во делот на маржите стои опцијата дека може да се донесат и мерки за замрзнување на цените. Ако донесеме таква одлука тоа ќе значи дека ќе имаме фиксна цена за секој производ“, рече Бектеши.
Сепак министерот вели дека за замрнување на цените ќе се почека да започне жетвата посебно на земјоделските производи, бидејќи според нивните анализи очекуваат да бидат намалени цените на суровините.
„Ако согласно постоечките цени ги замрзнеме директно цените тоа ќе значи дека ќе имаме повисоки цени од тие кои ќе бидат после две-три недели заради тоа што ќе има поголема понуда со иста потрошувачка, што значи дека цените би требало да се намалат со новата жетва која доаѓа. Ако нема ќе се смени одлуката“, посочи Бектеши.
Мерката за замрзнување на маржите важи до 30 септември, а во делот на целосно укинување на дополнителни трошоци до крајот на годинава.