Косово и Србија постигнаа договор за струјата

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак во средина со главните преговарачи на Србија и на Косово.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак денеска изјави дека двете земји во Брисел го усвоиле Патоказот за имплементација на енергетскиот договор кој има девет точки.

„Ова е голем чекор напред“, напиша Лајчак на Твитер.

Во документот се наведува дека за надминување на кризата и проблемите во енергетскиот сектор, а имајќи ги предвид договорите за енергетика од 8 септември 2013 година и заклучоците на посредниците на ЕУ за имплементација на енергетскиот договор од 2013 година од 25 август 2015 година, страните се договорија за патоказот.

Косовскиот главен преговарач во дијалогот со Србија, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бесник Бислими исто така ја објави веста на Твитер и напиша дека со овој договор ќе се овозможи наплата на сметките за струја и во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, што досега главно, како што посочи, не се спроведувало.

„Најпосле го усвоивме Прирачникот за имплементација на договорите за енергетика од 2013 и 2015 година. Ова овозможува наплата на сметките за електрична енергија во четирите општини во северно Косово, според косовските закони и регулативен систем“, напиша Бислими.

Жителите на четири општини во северно Косово- Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, од кои повеќето се припадници на српската заедница, не ги плаќаат сметките за струја повеќе од две децении.