Бесими: Со ребалансот на буџетот продолжуваме со мерки за поддршка на граѓаните и фирмите

Фатмир Бесими - Министер за финансии

Новите владини антикризни мерки ќе бидат таргетирани, а со новиот ребаланс на буџетот издвоени се средства за поддршка на земјоделците, ранливите категории на граѓаните како и за раст на пензиите, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна.

„Издвоени се дополнителни средства за поддршка на земјоделците за раст на домашните приноси, за да на тој начин се амортизираат ефектите од високата цена на увозната храна. Издвоени се дополнителни средства за ранливите категории граѓани и за раст на пензиите на пензионерите. Сите овие се таргетирани мерки, бидејќи од особено значење, покрај поддршката за надминување на кризата е да се одржи макроекономската стабилност“, истакнува министерот Бесими.

Бесими, исто така, наведува дека не се препорачува намалување на даноците за горива и храна туку наплатата на даноците треба да се насочи кон заштитата на ранливите семејства.

„Доколку домаќинства со ниски приходи користат одредени горива за загревање, преку добро дизајнирани мерки, може да се влијае токму на цената на тие горива. Не се препорачува намалување на даноците за горива и храна. Со намалувањето на даноци за сите, значи дека се субвенционираат и оние на кои не им е потребна поддршка, за сметка на ранливите категории граѓани“, пишува министерот за финансии.

Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што досега најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.