Првите проекции на излезните анкети покажуваат дека актуелниот француски претседател Емануел Макрон е на прагот да го загуби апсолутното мнозинство во Националното собрание по вториот круг од парламентарните избори.
Резултатите од излезните анкети покажуваат дека коалицијата на Макрон „Заедно“ ќе освои најмногу пратенички места, но недоволно за апсолутно мнозинство. По него следи сојузот на централно-левичарските партии на чело со Жан-Лук Меланшон.
Проекциите на агенциите „Ифоп“, „Опинионвеј“, „Елабе“ и „Ипсос“ покажуваат дека „Заедно“ освоиле меѓу 200 и 260 места, а сојузот на Меланшон меѓу 149 и 200 места.
Марин Ле Пен, чија екстремно десничарска партија, Национален Собир направи голем пробив на денешниот втор круг од парламентарните избори во Франција, вети дека ќе претставува „цврста“ опозиција која ќе ги почитува институциите.
Според резултатите од излезните анкети, нејзината партија ќе добие од 60 до 100 пратенички места, што е значително подобрување за таа партија.
Право на глас денеска во Франција имаат околу 48,5 милиони граѓани.