Чавушоглу го истакна присуството на ФЕТО како најголема пречка во односите Турција-Косово

Шефот на турската дипломатија, Мевљут Чавушоглу

Шефот на турската дипломатија, Мевљут Чавушоглу кој денеска беше во посета на Косово истакна дека неговата држава целосно го поддржува Косово на неговиот евротлантски пат, но изрази загриженост поради присуството на организацијата ФЕТО.

„Го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово како и натамошниот развој на Косово и неговата интеграција во меѓународните организации. Го поддржуваме зачленувањето на Косово во инстанци како евроатлантските организации… Меѓутоа, морам да нагласам дека постоењето на ФЕТО во Косово е најголемата пречка во нашите односи. Постоењето на ФЕТО во Косово ги труе нашите односи“, рече Чавушоглу на заедничката прес конференција со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала.

Официјална Анкара ја смета за терористичка организацијата ФЕТО, чиј лидер е прогонетиот свештеник Фетула Ѓулен, инаку противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Анкара смета дека ФЕТО е одговорна за организирање на неуспешниот обид за пуч пред неколку години во Турција.

Чавишоглу додаде дека ФЕТО ја спроведува во Косово „истата стратегија како и во Турција“.

Грвала пак ѝ одаде признание на Турција за тоа што, како битна членка на НАТО, со нејзиното ефикасно посредување, му пружа помош на Балканот во зачувувањето на стабилноста и додаде дека ја гледа Турција како „неутрален посредник меѓу Србија и другите земји во регионот“.


„Се надеваме дека Турција ќе придонесе да се оневозможи Србија во обидите да го дестабилизира Балканот. Како битна членка на НАТО, по руската агресија во Украина, Турција ја понуди својата помош како неутрален посредник, а исто така е активна и како неутрален посредник меѓу Србија и другите земји во регионот“, рече Грвала.

Според неа, Европската унија, НАТО и Турција треба да вложат напори за „да се спречат Србија и српските сепаратисти во Босна и Херцеговина под сенката на руската агресија во Украина и со помош на Русија да ги дестабилизираат Зпаден Балкан и Југоисточна Европа“.

Шефот на турската дипломатија вчера попладне допатува во Косово од Босна и Херцеговина, каде имаше средби со политичките лидери.