САД ги одобруваат ковид вакцините за деца над 6 месеци

Илустративна фотографија

Соединетите Држави се приближија до одобрувањето вакцини за Ковид -19 за деца на возраст над 6 месеци, што веројатно биде прифатено на национално ниво во текот на следната недела. Експертскиот панел за Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) вчера гласаше 12-0 за овој потег.

Директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски се очекува да го даде конечното одобрение, со што ќе ѝ дозволи на американската влада да започне со вакцинирање на децата на возраст под 5 години.

„Денес направивме голем чекор напред“, рече Оливер Брукс, еден од членовите на Советодавниот комитет за имунизација.

Администрацијата за храна и лекови на САД на 17 јуни го одобри вакцинирањето со вакцината на Модерна за деца на возраст од 6 месеци до 5 години и вакцината на Фајзер Бионтек за деца на возраст од 6 месеци до 4 години. Вакцината на Фајзер веќе е одобрена за деца над 5 години.

Администрацијата на САД планира да го имплементира ова веќе од следната недела.

„Ќе почнеме да испраќаме милиони дози вакцини за деца на илјадници локации кои родителите ги знаат и им веруваат - вклучително и педијатриски амбуланти, детски болници и аптеки“, изјави американскиот претседател Џо Бајден на 17 јуни.

Околу 18 милиони деца ќе можат да ги примат овие вакцини, но не е јасно колку силна ќе биде побарувачката за нив. Вакцината Фајзер беше одобрена за деца на возраст од 5-11 години кон крајот на минатата година, но само околу 29 отсто од таа група беа целосно вакцинирани во САД, покажуваат федералните податоци.