НАТО предупредува дека борбите во Украина може да траат „со години“, додека Русија напаѓа на истокот

Украински војник на линијата на фронтот во Северодоњецк, 8 јуни 2022 година

Генералниот секретар на НАТО предупреди дека војната во Украина може да трае со години и побара снабдување со најмодерно оружје за Киев, дури и ако „трошоците се високи“, бидејќи украинските сојузници се обидуваат да го спречат секој меѓународен „замор“, на речиси четири месеци од неиспровоцираната инвазија на Русија.

Предупредувањата дојдоа откако Русија ги засили своите офанзиви против Северодоњецк и другите градови во источна Украина, а Европската унија се подготвува за препорака за кандидатско членство на Украина во блокот.

„Мораме да се подготвиме за фактот дека ова може да потрае со години. Не смееме да се откажеме од поддршката на Украина. Дури и ако трошоците се високи, не само за воена поддршка, туку и поради зголемените цени на енергијата и храната“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за германскиот весник „Билд ам Зонтаг“.

По неговата посета на Киев за да даде поддршка на Украина, британскиот премиер Борис Џонсон вчера во лондонски Сандеј Тајмс напиша дека „времето е витален фактор“ и „сè ќе зависи од тоа дали Украина може да ја зајакне својата способност да ја брани својата почва побрзо од што Русија може да го обнови својот капацитет за напад“.


Џонсон зборуваше за потребата да се избегне „заморот во Украина“ од конфликтот во кој загинаа десетици илјади Украинци и раселени се над 10 милиони луѓе, откако рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите војници да ја поминат границата на 24 февруари.

На 17 јуни, Европската комисија препорача забрзано давање кандидатски статус на Украина, што се очекува да добие поддршка од земјите-членки на самитот оваа недела.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 18 јуни ги посети војниците на јужната линија на фронтот во регионот на Миколаев, на околу 500 километри од Киев.


На 19 јуни, тој преку Телеграм изјави дека југот нема да биде даден никому,„а се што е наше ќе го вратиме назад“.

Северодоњецк, фокусот на руската офанзива за преземање целосна контрола врз источниот украински регион Луганск, и денеска остана под силен артилериски оган, заедно со збратимениот град Лисичанск, преку реката Северски Донецк.

Украинскиот Генералштаб на вооружените сили рано денеска соопшти дека руските трупи ги концентрираат своите главни напори во насока на Северодоњецк и Бахмут. Оттаму го признаа неуспехот за обидот да се „зацврстат“ југоисточно од опколениот град Северодоњецк.

Руските трупи ги гранатираат позициите на украинските војници и цивилната инфраструктура во областа на соседниот збратимен град Лисичанск и други населени места со топовска артилерија и ракетни системи за повеќекратно лансирање.

Портпаролот на воената команда на југозападниот украински регион, Серхи Брачук изјави дека во текот на ноќта две руски крстосувачки ракети биле соборени над областа Одеса.

Брачук рече дека ракетите биле истрелани од окупираниот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, кога исто така започна поддршка на вооружените сепаратисти во други региони на источна Украина.