Средба на коалициските партнери е најавена денеска попладне во Владата каде според најавите на премиерот Димитар Ковачевски треба да се реафирмира ставот за одржување редовни парламентарни избори во 2024 година, заедно со претседателските, но и да се види што е направено изминатите месеци од формирањето на новата Влада.
Теми на разговор ќе биде кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите, суровините, предизвикани од нападот на Русија врз Украина. Исто така се очекува тема на разговор да биде и францускиот предлог за тргање на бугарското вето и деблокирање на патот на Македонија во ЕУ.
„Тоа ќе биде позитивна средба на која граѓаните ќе се уверат дека има владејачко мнозинство и Влада која се грижи за животниот стандард на граѓаните и обезбедување на се она што треба една Влада да го обезбеди во услови на најголема криза. Тоа е различно од тоа што го прави опозицијата, бидејќи таму единствено гледаме деструкција и блокирање“, изјави Ковачевски.
Синоќа пак опозицијата протестираше пред Владата барајќи предвремени парламентарни избори под мотото „Премногу е“. Како што најави лидерот на ВМРО ДПМНЕ; Христијан Мицкоски, ако летово нема договор за претвремени избори, ќе пристапат кон нови протести и блокада на институциите.