Мицкоски најави целосна блокада на институциите ако летово нема договор за предвремени избори

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на партискиот протест вечерва пред Владата најави целосна блокада на институциите, ако летово не се постигне договор за распишување предвремени избори. Тој истакна дека активната блокада на Собранието ги дала посакуваните резулати, но ако нема договор, ќе следат нови протести и блокади.

„Таа целосна блокада ќе биде во парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патиштата, протести низ градовите, блокада на процедурите и системот во распаѓање“, истакна опозицискиот лидер.

Тој предупреди дека не чека најтешка зима, а излез од оваа криза рече дека не гледа во мерките кои досега ги преземаше владата, туку во избори.

Најави работно лето, каде ќе се работи на општа мобилизација против како што истакна, тековните политики. Ги повика сите да им се придружат.

„Нас ни е потребна општествена поддршка за целосен триумф врз мафијата во политиката“, рече тој од говорницата пред Владата.


С е пожали и дека владата не ја прифатила понудата за помош која ја дала неговата партија, па најави дека единствена средба која ќе ја прифати сега е само за клучните теми и за предвремените избори.

Побара од сите граѓани политички да се активираат и да не седат на страна, бидејќи како што рече, Македонија е на колена.

„Оваа држава треба да биде водена од интелигенција и од мудри глави“, заклучи Мицкоски.

Во својот едночасовен говор за време на протестот организиран под мотото „Премногу е“ тој се осврна на повеќе теми. Кажа дека е против францускиот предлог за бугарското вето, ги критикуваше економските политики на власта, истакна дека мора да има промени.Нагласи дека народот денеска доаѓа да си го земе тоа што му припаѓа, а тоа, како што рече, е слободата.

Протестот се случува по повеќе од еден месец активна опозициска блокада во македонското собрание, која започна откако Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски не одговори на повикот за средба со опозицијата на која ќе се разговара за распишување предвремени избори.