Додик се сретна со Путин во Санкт Петербург

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и првиот заменик-премиер на Русија Андреј Белоусов на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, 16 јуни 2022 година

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, во Санкт Петербург имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Информациите за средбата со рускиот претседател беа објавени доцна синоќа на официјалниот Твитер профил на Додик.

Синоќа руската новинска агенција Интерфакс објави дека Путин му рекол на Додик дека „Русија има одредени потешкотии во врска со санкциите против Русија од БиХ, но дека земјите имаат добри односи кои ќе се развиваат“.


Додик претходно присуствуваше на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум, на која се обрати Путин. Исто така, во четвртокот, на 16 јуни Додик разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Милорад Додик, кој е и водач на владеачката партија Сојуз на независни социјалдемократи, која е водечката партија во РС, постојано изјавува дека се залага за неутралност кога станува збор за војната во Украина.

Додик на 12-ти јуни објави дека „нема да дозволи да се потпише каков било политички документ што на кој било начин ги квалификува конфликтите во Украина“ во текот на состанокот меѓу претставниците на политичките партии во БиХ и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.


БиХ се приклучи на санкциите против Русија врз основа на Стратегијата за надворешна политика и обврските од Договорот за стабилизација и асоцијација.

Според официјалните информации објавени на веб-страницата на Европскиот совет, БиХ се „усогласила со Европската унија“ во санкционирањето на неколку стотици физички лица и компании од Русија.